Меркел: Сакаме соработка со Македонија

12.06.2014 10:08

Канцеларката на прашање на Дојче Веле за очекувања од новата влада кажа дека Германија сака со Македонија разумно да соработува и ќе ја радува доколку во наредниве месеци дојде до решение на проблемот со името...

Канцеларката Ангела Меркел вчера во Берлин изјави дека Германија сака да соработува со Македонија.

Канцеларката на прашање на Дојче Веле за очекувања од новата влада кажа дека Германија сака со Македонија разумно да соработува и ќе ја радува доколку во наредниве месеци дојде до решение на проблемот со името.

„Ние сакаме со Македонија разумно да соработуваме и секако ќе ме радува доколку во наредниве месеци дојде до решение на проблемот со името. Тоа е нешто во што не успеавме. Тоа не зависи само од Македонија, но зависи и од - Македонија“, одговори канцеларката Ангела Меркел на прашање на Дојче Веле: какви се нејзините очекувања од новата македонска влада?

Канцеларката Меркел на прес конференција со српскиот премиер Александер Вучиќ потврди и дека на 28 август Берлин ќе биде домаќин на конференцијата на земјите од Западен Балкан за доближување на регионот до ЕУ.

Секоја година друга членка на Унијата ќе организира ваква конференција, потврди Меркел, дополнувајќи за Дојче Веле дека идната година тоа ќе го направи Австрија.