Од утре не важат пасошите со старото име на државата
На полноќ истекува рокот за важноста на личните документи со старото име на државата. Од утре нема да важат пасошите. За внатрешна употреба ќе важат само старите лични карти.

Нормален проток и минимално задржување за влез и излез од граничниот премин Табановце на македонско-српската граница. На неколку часа до полноќ, кога ќе престанат да важат патните исправи со старото име на државата, Република Македонија, според полициските службеници фреквенцијата е иста како и претходните седмици.
За разлика од пасошите, личните карти ќе важат, но само на територијата на нашата држава. Граѓаните со старите патни исправи воопшто да не се обидуваат да излезат од државата, апелираат од полицијата. Оние со двојно државјанство ќе можат непречено да ги користат исправите од другите држави. За оние држави со кои имаме билатерални договори за патување со лична карта, граѓаните нема да бидат враќани од нашите гранични полициски службеници, доколку се со старите лични карти, но не гарантираат дали ќе бидат примени во другите држави.
Нашите државјани кои се упатуваа или враќаа од соседна Србија, со поделени мислења. Едни не успеале да извадат нови документи. Термините им се закажани за неколку месеци. Стравуваат за работните обврски. Други пак немаат проблеми, имаат нови патни исправи.
Според статистиката од полноќ до 12 часот денеска на Табановце излез извршиле 847 македонски државјани. Влез оставиле 777 граѓани.
Патните исправи со старото име на државата престануваат да важат поради договорот од Преспа, кој стапи на сила на 12-ти февруари 2019-та година. Рокот за промена беше пет години.
Елена Ѓеоргиевска
