6 до 10 бразилци сметаат дека мундијалот е прескап за земја со многу сиромашни!
Во Росиња се игра фудбал на улица, но жителите се против Првенството...

Рио е сон за секој турист, но виден од поблизу, е кошмар за дел од жителите. 6 од 10 бразилци сметаат дека светското првенство е прескапо за земја со многу сиромашни. А тие живеат во фавелите.
Рајмундо сака да остане анонимен бидејќи се плаши од одмазда додека ја покажува Росиња, најголемата фавела во Рио. Во секој момент може да почне престрелка меѓу полицијата и дилерите и некој да биде погоден од заталкан куршум.
„Ова е град во град. Има свои правила, закони и обичаи. Општествените правила не важат овде. Законот се полицијата и дилерите“, вели Рајмундо, жител на Рио де Жанеиро.
Една од најважните подготовки пред Мундијалот беше пацификацијата. За фавелите постои посебна полициска единица со воена обука и искуство во одржување на редот за време на големи настани
„Главната цел на пацификацијата е да се обнови довербата меѓу полицијата и граѓаните. Ги слушаме и им помагаме“, вели Флавио Алвеш Кардосо, командант на полицијата.
„Пацификацијата е лага на власта. Има повеќе насилство и нереди. Народот не е слободен“, додава Рајмундо.
Во Росиња се игра фудбал на улица, но жителите се против Првенството.
„Повеќето од луѓето овде се против Мундијалот. Никој не може да отиде и да го гледа. Тоа е само за богатите“, вели Рајмундо.
Кога ќе заврши Првенството, ќе останат стадионите и хотелите да ги уништува времето. А од Росиња ќе се повлече полицијата и се ќе се врати на старо, штом ќе се изгаснат меѓународните рефлектори.
Ивана Салтировска
