Ирак: По Мосул, падна и Тикрит!
Ирачките исламисти тргнаа кон Багдад. Обединетите нации ги осудија нападите во Мосул и Тикрит, родното место на Садам Хусеин. По барање на ирачкиот премиер Нури Ал-Малики, парламентот расправа за прогласување на вонредна состојба во земјата.

По падот на Тикрит, воената акција на исламистите во Ирак се шири кон Багдад. Битките со силите за безбедност се засилуваат во северното предградие на Самара, 110 км од главниот град.
Советот за безбедност на ОН ги осуди нападите. Според некои проценки, од Мосул досега побегнале половина милион жители. САД размислуваат да испратат дополнителна помош во Ирак, но не прецизираат за што точно се работи. Според „Њујорк тајмс“, ирачкиот премиер Малики побарал од администрацијата на Барак Обама да ја разгледа можноста за воздушен напад против екстремистите. „Нередите во Нинива се заговор“, изјави Малики.
„Она што се случи во Нинива беше заговор. Бројноста на Ал Каеда, на Исламската држава на Ирак и Левант не беше на исто ниво со армијата и полицијата“, изјави Нури ал-Малики, премиер на Ирак.
Борците на сунитската џихадистичка група Исламска држава во Ирак и Левант го прошируваат својот фронт. Итна седница на Северноатлансткиот совет на НАТО по барање на Турција откако 80 турски државјани беа во заложништво од милитантите во Мосул. Поддршка стигна и од иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф којшто смета дека е потребна ефективна меѓународна помош за ирачката влада. Но, Иран не е против создавање на втора исламска држава во овој невралгичен регион.
„Акциите на бунтовниците се резултат на поддршката на некои групи и држави за тероризмот. Неопходно е да се преземат сите мерки и да се добие поддршка од другите земји“, рече Марзих Афкам, портпарол на министерство за надворешни работи на Иран.
Состојбата се комплицира особено по американската одлука да се повлечат мировниците од Авганистан до крајот на 2014-та. Вашингтон планира да инсталира трупи во Источна Европа, но позадината на Задкавказјето со одново разгореното ирачко жариште останува небранета од западните сојузници.
Терористичката група ИСИС, односно „Исламистичка држава на Ирак и Левант“ е формирана во 2013. Покрај Ирак, огранокот на Ал-Каеда дејствува и во Сирија.
Маја С. Филдишев
