Расте меѓународниот притисок врз Нетанјаху во пресрет на офанзивата во Рафах
Американскиот претседател, Бајден, со порака до Тел Авив - цивилите мора да бидат заштитени. Меѓународната заедница да ја преиспита одлуката за воена помош на Израел, порача Борел...

Додека траат преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа и расте меѓународниот притисок врз Нетанјаху во пресрет на копнената офанзива во Рафах, американскиот претседател, Бајден, со порака до Тел Авив - цивилите мора да бидат заштитени.
„Големата воена операција во Рафах не треба да продолжи без веродостоен план за обезбедување безбедност и поддршка за повеќе од еден милион луѓе кои се засолнети таму“, изјави Џо Бајден, претседател на сад.
За да запре крвопролевањето, подобро би било меѓународната заедница да ја преиспита одлуката за воена помош на Израел, вели високиот претставник на ЕУ, Борел.
„Сите одат во Тел Авив и молат-не правете го тоа, заштитете ги цивилите, не убивајте. Но, Нетанјаху не слуша никого. Тие ќе се евакуираат. Каде? На месечината? Значи, ако меѓународната заедница верува дека ова е премногу и се убиваат премногу луѓе, можеби треба да размислат да не испраќаат оружје“.
И шефот на британската дипломатија, Камерон, повика Израел добро да размисли за операцијата во Рафах. За Анкара, „лицемерната политика на западните сили“ е причината за смелоста на Израел. САД тврдат дека договорот за ослободување заложници и прекин на огнот би можел да се случи за најмалку шест недели. На разговори во Каиро и шефот на ЦИА.
