Израел мора да ги заштити цивилите во Рафах, порача Бајден
Цивилите мора да бидат заштитени – Нетанјаху под меѓународен притисок за офанзивата во Рафах. Јордан предупредува на можна хуманитарна катастрофа. За Тел Авив операцијата во пограничниот град е важна. Сметаат дека таа ќе донесе ново ослободување на заложници...

Расте меѓународниот притисок врз Израел за копнената офанзива во Рафах. Сојузниците САД со порака до Нетанјаху – цивилите мора да бидат заштитени.
„Големата воена операција во Рафах не треба да продолжи без веродостоен план за обезбедување безбедност и поддршка за повеќе од еден милион луѓе кои се засолнети таму“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.
Офанзивата во пограничниот град ќе доведе до хуманитарна катастрофа – предупреди Јордан.
„Ситуацијата е неиздржлива за повеќе од милион луѓе. Не можеме да стоиме на страна и да дозволиме да продолжи ова“, рече Абдула Втори, крал на Јордан.
За да запре крвопролевањето, подобро би било сојузниците да ја преиспитаат одлуката за воена помош на Израел, вели високиот претставник на ЕУ, Борел.
„Сите одат во Тел Авив и молат-не правете го тоа, заштитете ги цивилите, не убивајте. Но Нетанјаху не слуша никого. Тие ќе се евакуираат. Каде? На месечината? Значи, ако меѓународната заедница верува дека ова е премногу и, се убиваат премногу луѓе, можеби треба да размислат да не испраќаат оружје“, изјави Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ.
Шефот на Арапската лига го обвини Израел дека ги разгорува тензиите на Блискиот Исток.
„Израел со своите сегашни дејствија ги загрозува договорите што ги потпиша, особено со земја како Египет и Јордан. Неопходно е САД да му наредат на Израел да ги прекине овие политики, инаку Блискиот Исток ќе биде разгорен на невиден начин“, изјави Ахмед Абул Геит, генерален секретар на Арапската лига.
За Израел операцијата во Рафах е важна, бидејќи Тел Авив смета дека таа ќе донесе ново ослободување на заложници.
„Сакам да ви кажам дека ослободувањето на двајцата заложници е една од најуспешните спасувачки операции во историјата на државата Израел“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Меѓународниот кривичен суд ги истражува сите наводни злосторства во Газа и повторно повика Израел да го почитува меѓународното право.
„Законите на војната мора да се почитуваат. Има активна истрага и сите се известени. Ако има злосторства, ќе истражуваме докрај за да нема простор за неказнивост“, изјави Карим Кан, обвинител на Меѓународниот кривичен суд.
САД тврдат дека договорот за ослободување заложници и прекин на огнот би можел да се случи за најмалку 6 недели.
Бојана Крстевски
