Омбудсманот бара државата да преземе мерки за почитување на календарот за имунизација
Опфатот со вакцинација не смее да биде под 90 проценти. Народниот правобранител бара државата да преземе мерки и да не се дозволи да не се почитува календарот за имунизација...

Државата во континуитет треба да ги презема сите мерки за децата да бидат вакцинирани според календарот за имунизација, вели Васка Бајрамовска, која со години наназад се бори за правата на децата. Таа е советник на Народниот правобранител и вели – не смеат надлежните да дозволат опфатот да биде под 90% со било која вакцина. За големата кашлица опфатот е 69%, а кога беше прогласена епидемија на морбили пред 5 години опфатот беше околу 65%.
Таа се присеќа дека 2019 година околу 200 деца не биле запишани на училиште бидејќи не биле имунизирани со МРП.
Според податоците на Институт за јавно здравје сите вакцини што се примаат до 12 месеци, со исклучок на пневмококната и рота-вакцината, во 2022 година имаат опфат од околу 84 насто. Со МРП-вакцината, покриеноста е 70 насто. Пред две години, најмал опфат на ревакцинација со пневмококна вакцина имало кај 12-месечни бебиња, 56%. Вакцините што се даваат на 18 месеци се со 69% опфат.
Наташа Јанчиќ Менковски
