инфраструктура

Започна изградбата на обиколница Тетово

13.02.2024 13:58

На настанот присуствуваа претседателот на Владата, Талат Џафери заедно со членови на Владата, директорот на ЈП за државни патишта, градоначалници, пратеници и граѓани...

Во близина на населеното место Требош денеска се означи почетокот на градежните работи за изградба на обиколница Тетово. На настанот присуствуваа претседателот на Владата, Талат Џафери заедно со членови на Владата, директорот на ЈП за државни патишта, градоначалници, пратеници и граѓани.

Инвестицијата е вредна 12,2 милиони евра, во прва фаза ќе се гради обиколница од 5,4 километри со две ленти од по три метри од клучката кај н.м Требош до Непроштено. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски истакна дека овој проект е од огромно значење за сите жители на Полошкиот регион.

Министерот за финансии Фатмир Бесими во своето обраќање истакна дека капиталните инвестиции во континуитет се зголемуваат.

Директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми потенцираше дека овој проект се реализира со средства од буџетот на Јавното претпријатие.

За граѓаните и компаниите ова е исклучително важен проект со кој ќе се зголеми продуктивноста, економскиот развој и безбедноста во сообраќајот во регионот, потенцираше градоначалникот на општина Теарце, Нухи Незири.