Без пасоши со новото уставно име, нема заминување од земјава
Стапија на сила мерките за новото уставно име, излез од државата само со пасоши со новото. На полноќ истече одредбата од договорот од Преспа за валидноста на исправите и документите за меѓународна употреба...

Стапија на сила новите мерки. Без пасоши со новото име на државата, не може да се излезе од земјава. Обврските произлегуваат од Преспанскиот договор кој Македонија го потпиша со Грција преку пет години. Граѓаните коишто ќе се затекнат странство, со стари патни исправи, ќе може да се вратат во државата со патен лист, кој ќе го извадат во дипломатско-конзуларните претставништва. За разлика од пасошите, личните карти продолжуваат да важат за домашна употреба.
Но, не се знае дали со нив ќе може да се патува во Србија, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, земји со кои имаме билатерални договори за влез со лични карти.
Граѓаните со двојно државјанство ќе можат непречено да ги користат исправите од другите држави. На граничниот премин Табановце на македонско-српската граница протокот на патници е нормален, со исклучително намален интензитет. Ние поразговаравме со неколкумина наши државјани кои заминуваа во западноевропските држави и соседна Србија. Тие споделија дека навреме успеале да направат нови патни исправи. Имаше и лица со двојни државјанства.
За потсетување патните исправи со старото име, Република Македонија, престанаа да важат поради Преспанскиот договор, кој стапи на сила на 12 февруари 2019 година.
Елена Георгиевска
