Економија

Поради непроменети патни исправи се откажуваат туристички аранжмани

13.02.2024 14:22

Граѓаните почнаа да ги откажуваат аранжманите поради непроменети патни исправи. Од земјава може да се излезе само со нов пасош. Со какви проблеми се соочуваат туристичките агенции?

„Заробен сум во сопствената држава“-вели Ванчо Стојкоски, пензиониран архитект кој пристигнал од Германија за да го запази рокот за промена на неговата патна исправа. Тој е еден од оние наши граѓани кои ги користат раните резервации за летните одмори, бидејќи добиваат и до 20 отсто поевтини туристички аранжмани. Но, сега, неизвесно е кога ќе му биде готов пасошот, па принуден е да ја откаже резервацијата.

„Дојден сум од Германија. До 12-ти морав да дојдам, а пасошот уште не можам да го земам. Имам уплатено уште во декември за одмор во Грција, не знам што да правам, дали да ја откажам резервацијата. Без нов пасош не можам никаде да одам“, вели Стојкоски.

Закупот на сместувачки капацитети го правиме сега, па со откажувањето на резервациите имаме загуби-велат туристичките агенции. Како солуција, на туристите им нудат пролонгирање на одморите.

„Спречени сме да ги реализираме нашите планирани патувања. Всушност, празничните аранжмани скоро и ги откажавме. Сега се случува и луѓето кои имаат резервирано летни аранжмани да мора да ги откажуваат поради тоа што не можат да дојдат до нови пасоши“, изјави Александар Чоневски, туристички работник.

Веќе се откажани и планираните празнични патувања за велигденските и првомајските празници.

Александра Велинова