Економија

Камионите ќе останат паркирани, транспортерите револтирани поради доцнењето на налепниците „НМК“

13.02.2024 14:36

Камионите ќе останат паркирани, транспортерите револтирани поради доцнењето на „НМК“ налепниците. Дел од нив во изјава за МТВ велат - проблемот ќе биде уште поголем оти ќе создаде криза во транспортот на стоки во земјава. Инаку, спогодбата со Грција опфаќа над 30.000 македонски транспортери кои на регистарските таблички треба да ја вметнат ознаката „НМК“.

Наместо на пат, камионите ќе останат паркирани поради неажурноста на институциите. Транспортерите се револтирани поради доцнењето на налепниците „НМК“, кои, како што велат, ги нема ни за лек кога им се најпотребни. Проблемот ќе биде уште поголем оти ќе создаде криза во транспортот на стоки во земјава, алармираат превозници за МТВ.

„Огромен проблем е за нас како транспортери и како стопанство, како и за самите граѓани што ќе треба да ја напуштаат државата, бидејќи не може да дојдат до налепници. Предупредувавме дека вакво нешто може да се случи и тоа на неколку нивоа. Испративме и допис до МВР пред околу два месеци, меѓутоа немаше никаков слух од таму. Веќе од денеска имаме голем проблем. Транспортерите се соочуваат со проблеми, а некои од нив сами изработувале налепници само да можат да преминат граница“, вели Зоран Дионисијев-транспортер.

Транспортерите велат дека нивниот бизнис трпи поради негрижата на државата. Транспортерите и компаниите кои вршат превоз на стока и патници се во паника дека нема да можат да ја завршат постапката за сите возила.

Превозниците кои ја немаат ознака „НМК“ на регистрациите нема да може да ја напуштат државата. Тоа е проблем за бизнисите, велат, поради неажурност на институциите.

Проценките се дека над 30.000 македонски транспортери треба да ги заменат регистарските таблички и да ја вметнат ознаката „НМК“, но тие треба да средат и друга документација.

Борис Грујоски