Американскиот Сенат го усвои пакетот помош од 95,3 милијарди долари за Украина и Израел
Американскиот Сенат го усвои пакетот помош од 95,3 милијарди долари за Украина, Израел и Индопацифичкиот регион. На потег е претставничкиот дом. На фронтот во Украина жестоки напади.По најновата серија воздушни руски напади оштетена е термоцентрала во Днепар. Во околните градови десетици илјади луѓе останаа без електрична енергија, затоплување и вода...

По неколкумесечни тешки преговори и во услови на политички поделби во републиканската партија околу улогата на САД во странство, американскиот Сенат го усвои пакетот помош од 95,3 милијарди долари за Украина, Израел и Индопацифичкиот регион. Предлог-законот сега е на гласање во претставничкиот дом. По одобрување на законот од двата дома на Конгресот, следува потпишувањето на указот од претседателот Бајден.
„Денеска бевме сведоци на еден од историските закони усвоени во сенатот. Сигурно поминаа години, можеби децении откако сенатот усвои нацрт-закон што толку многу влијае не само на нашата национална безбедност, не само безбедноста на нашите сојузници туку и на безбедноста на западните демократски вредности“, изјави сенатор Чак Шумер, лидер на мнозинството во Сенатот.
На фронтот во Украина, состојбата непроменета.По најновата серија руски напади од воздух оштетена е термоцентрала во Днепар. Во околните градови десетици илјади луѓе останаа без електрична енергија, затоплување и вода. Регистрирани се и прекини на телекомуникацијата и интернетот. Ракетни удари се регистрирани и во Запорожје и во Херсон.
„Ја користиме водата за готвење и за чај. Водата е во ред, но тие велат дека има поквалитетна вода на друго место“, изјави Лидија, жителка на Павлорад.
„Имаме расиплива стока што се транспортира или во друга продавница или кај нас. Тие што дојдоа денеска се запознати дека нема струја“, изјави Наталија, продавачка.
„Водоснабдувањето беше во прекин неколку часа.во моментов работат четири пумпи, другите ќе функционираат по стабилизирање на напојувањето“, изјави Олександр Радионов, заменик-градоначалник на Павлорад.
ЕУ ја одобри правната основа за користење на приходите од ограничените руски средства коишто Украина би можела да ги користи во иднина. Според планот би можеле да и бидат доделени 15 милијарди евра во наредните четири години. Ќе следува итен и сериозен одговор, возвратија во Кремљ.
Маријана Димовска
