Од утре бесплатна замена на возачките и сообраќајните дозволи
Граѓаните кои од утре ќе аплицираат за издавање нови возачки и сообраќајни дозволи нема да платат ниту денар. Со владина одлука овие документи стануваат бесплатни, односно трошокот паѓа на МВР. Бесплатни ќе бидат и патните листови за македонските државјани во дијаспората.

Возачките и сообраќајните дозволи ќе бидат бесплатни за сите. Ваква одлука донесе Владата на последната седница. МВР ги регулира интерните акти за да може да се спроведе одлуката, а парично ќе ги награди и службениците кои прекувремено работеле на издавање документи.
Но, дали граѓаните кои навремено извадиле возачки се дискриминирани со оваа одлука? Вицепремиерот Битиќи вели – ДА, но додава дека се проверува можноста на возачите да им се надоместат парите што ги дале за да извадат нов документ.
За да се вратат во земјава, бесплатни патни листови ќе добијат нашинците од дијаспората кои останаа без пасоши со новото уставно име.
„До овој момент ниту еден наш државјанин непријавил во Министерството, ниту во дипломатско-конзуларните претставништва проблеми при патување со патни листови, ниту со друг вид на документи со Република Северна Македонија. Потврдуваме дека дипломатско-конзуларни претставништва редовно се снабдуваат со нови количини на соодветни обрасци и нема застој во нивното издавање“, стои во соопштението од МНР.
Анита Димитријевска Велковска
