Брисел

Џафери во Брисел на средби со Шарл Мишел и фон дер Лајен

14.02.2024 09:28

Џафери, кој од вчера престојува во работна посета на Брисел, денеска ќе се сретне со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен...

Претседателот на техничката Влада, Талат Џафери, кој од вчера престојува во работна посета на Брисел, денеска ќе се сретне со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

На оваа своја прва работна посета во странство по стапувањето на премиерската должност, Џафери е придружуван од првиот вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Во рамки на престојот на Брисел, владината делегација предводена од Џафери ќе го посети и седиштето на Европскиот Парламент, каде ќе оствари средба со група европратеници од редовите на проевропските политички групации.

Работната посета на Брисел, Џафери ја започна вчера со средба со заменикот генерален секретар на НАТО, Мирчеа Џоана во седиштето на Алијансата, на која стана збор за безбедноста и стабилноста на регионот, глобалната сигурност и актуелни случувања во Украина и на Блискиот Исток, како и за активниот придонес на Северна Македонија во Северноатлантскиот пакт.

На средбата Џафери ја потенцира посветеноста на Северна Македонија во одржувањето на стабилноста и безбедноста во Евроатлантската област, не само како фактор на стабилност на Западниот Балкан, туку и со активното учество во мисиите на НАТО во Косово и Ирак и на ЕУ во Босна и Херцеговина и во борбените групи на Алијансата во Летонија, Романија и Бугарија.