Џафери од Брисел: Евроинтеграциите остануваат во фокусот на Владата
Техничкиот премиер Талат Џафери, денеска во Брисел оствари средба со европратениците Илхан Кјучук, Тонино Пицула, Тинеке Стрик и Карло Реслер. На средбата беа разменети мислења за европската интеграција на Северна Македонија, владините политики во пресрет на двојните избори во државата...

Техничкиот премиер Талат Џафери, денеска во Брисел оствари средба со европратениците Илхан Кјучук, Тонино Пицула, Тинеке Стрик и Карло Реслер. Во владината делегација која ја предводи премиерот Џафери се и првиот заменик на претседателот за европски прашања, Бојан Маричиќ, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
На средбата беа разменети мислења за европската интеграција на Северна Македонија, владините политики во пресрет на двојните избори во државата, како и за активностите на Владата кои произлегуваат од подготовките за успешното реализирање на Планот за раст.
На првата посета на Брисел како премиер, Џафери им посочи на европратениците дека Владата во Северна Македонија, ќе продолжи со истата динамика, посветеност и навременост да ги спроведува сите процеси и обврски кои произлегуваат од започнатите пристапни преговори со Европската Унија, во насока на забрзана европска интеграција.
Европратениците кои припаѓаат на различни политички групи, му честитаа на Џафери за премиерската функција, истакнувајќи ја силната поддршка за Северна Македонија во спроведување на реформските процеси и членството во ЕУ.
