Блиски Исток

Преговорите во Каиро за прекин на огнот во Газа завршија без резултат

14.02.2024 12:02

Стотина роднини на израелски заложници најавија тужба против Хамас пред Меѓународниот кривичен суд во Хаг. Преговорите во Каиро за примирјето во Газа завршија без резултати. Разговорите продолжуваат во наредните три дена, но на пониско ниво. Од ООН бараат Израел да престане да ги игнорира повиците од меѓународната заедница и да ги запре воените операции во Рафа...

Преговорите во Каиро за примирјето во Газа меѓу САД, Египет, Израел и Катар завршија без резултати. Соговорниците ќе ги продолжат разговорите во наредните три дена, но на пониско ниво. Стотина роднини на заложниците најавија тужба против Хамас за злосторства против човештвото пред Меѓународниот кривичен суд во Хаг. Под градот Газа, Израелците открија тунел и бункер низ кој побегнал еден од командантите на Хамас заедно семејството.

„Ова видео е едно од многуте што ги добивме од 7-ми октомври. Синвар почна војна со Израел, војна што Израел не ја бараше, војна што предизвика огромно страдање и на Израелците и на Палестинците. Додека луѓето од Газа страдаат на земја, Синвар се крие во тунелите под земја под нив, бегајќи како страшливец со една од неговите жени и деца, а неговиот брат му го покажува патот“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Од ООН бараат Израел да престане да ги игнорира повиците од меѓународната заедница и да ги запре воените операции во Рафа. Од Вашингтон велат дека вршат притисок врз Тел Авив да дозволи испорака на брашно во енклавата. Израелскиот министер за финансии ја блокираше пратката за да не стигне до Хамас.

„Финансиравме во брашно што ќе обезбеди храна за 1,5 милиони жители на Газа за пет месеци. Од клучно значење е да стигне до Газа. Ги разгледуваме сите можности. Наш приоритет е да обезбедиме невините цивили во Газа да добиваат хуманитарна помош од САД и од други земји“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.

Јеменските Хути тврдат дека САД и Велика Британија соработуваат со Израел во подготовката на нападите во Рафа каде што се засолнети над милион Палестинци. Ја обвинија Арапската лига и арапските земји дека попуштаат пред израелскиот притисок поради неутралноста.

„Она што го прави израелскиот непријател во Газа е геноцид и сеопфатно уништување без преседан. Затоа, врз основа на нашата вера, одговорност и човечки чувства како јеменски народ, ја одржуваме нашата позиција и се бориме“, изјави Абдел Малек ал-Хути, водач на Хутите.

Од ноември, Хутите постојано напаѓаат бродови во Црвено Море поради израелската офанзива во Газа. Според нив, погодуваат пловила поврзани со Израел, загрозувајќи го транспортот во Црвено Море, портата на Суецкиот кана, клучната и поевтина рута за трговската размена меѓу Азија и Европа.

 

Маријана Димовска