Столтенберг: НАТО не е добротворна организација, затоа сите вложуваме во одбраната
НАТО не е добротворна организација, затоа сите вложуваме во одбраната, вели првиот човек на Алијансата, Столтенберг. Укажа дека изјавите на Трамп дека нема сојузниците да се штитат меѓусебно, ја поткопува безбедноста на сите членки. Почна Министерскиот состанок за одбрана во Брисел...

Никогаш не смееме да го земеме мирот здраво за готово иако нема закана по ниту еден сојузник, изјави генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, пред Министерскиот состанок во Брисел. НАТО не е добротворна организација, туку инвестиција за нашата безбедност. Оваа година 18 сојузници ќе го достигнат прагот за воен буџет од 2 проценти БДП. Коментирајќи ја изјавата на американскиот претседателски кандидат Трамп дека САД нема да штитат членка која не го исполнува овој услов, Столтенберг вели тоа ја поткопува безбедноста на сите.
„НАТО успеа да спречи воен напад врз некој сојузник во последните 75 години. Тоа беше можно оти сите НАТО членки јасно кажуваа дека тука сме за заштита на секој сојузник. Целата цел за постоење на НАТО е дека напад врз еден сојузник ќе предизвика одговор од сите. Сè додека стоиме зад оваа порака заедно ќе спречиме воен напад врз сојузник. Задача на НАТО е да спречи војна да го обезбеди мирот. Секоја сугестија дека не стоиме зад некоја членка и нема да се штитиме меѓусебно, ја поткопува безбедноста на сите нас и го зголемува ризикот. Затоа е важно не само на дела туку и со зборови јасно да комуницираме дека стоиме зад посветеноста на НАТО за заштита и одбрана на сите сојузници“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.
Подготовка на претстојниот јубилеен Самит на НАТО ќе биде тема на Состанокот на министрите за одбрана во Брисел. НАТО ќе продолжи со плановите за зајакнато одвраќање и одбрана со поголеми инвестиции во воената индустрија. Сојузниците разгледуваат целосно снабдување на нови одбранбени планови преку најголемата воена вежба во Европа со над 90 илјади војници. Европските сојузници и Канада учествуваа со 600 милијарди американски долари во одбраната. Оваа година ќе инвестираат 380 милијарди американски долари во одбрана. Сојузниците ќе продолжат и со поддршка на Украина.
Ирина Гелевска
