Државата за едни мајка, за други маќеа- граѓаните кои платиле за нови документи бараат обесштетување
Се плаќа, па бесплатни се. Притисокот менува одлуки, а државата станува за едни мајка, за други маќеа. Има ли дискриминација во официјалната одлука да не се плаќа обновувањето на дел од личните документи?

Тие кои веќе ги смениле личните документи, а поседувале важечки, се чувствуваат дискриминирани по одлуката возачките и сообраќајните дозволи да се издаваат бесплатно. Реакцијата очекувана. Велат дека треба да се најде начин и тие да се обесштетат.
„Оние што имаат извадено нови, а имаат платено, сега Владата треба да ги обесштети. Тоа е нормално.“
„Јас си платив. Треба да се вратат пари. Сега имам две важечки возачки.“
„Нема ништо да смениме, без разлика дали мислиме дали е дискриминација или не.“
„Треба да се направи нешто во врска со тие документи.“
„Јас сите документи ги имам извадено. Што ќе биде понатаму, дали ќе се враќаат средствата, не знам“-велат граѓаните кои ги анкетиравме.
За владината одлука, МТВ побара став од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Тие сметаат дека се прави нееднаков третман кон граѓаните кои промениле важечки документи со новото име и за истите платиле, но не и дискриминаторски основ. Ја поздравија мерката, но, според нив, таа е ненавремена со што се нарушува правната сигурност на граѓаните.
„Во овој случај, не станува збор за дискриминаторна основа, постои нееднаков третман, но не и дискриминација. Институциите треба да преземат мерки за обезбедување еднаков третман на сите граѓани во постапките на промена на важечките документи со новото име на државата. Потсетуваме дека сите граѓани имаат еднакво право на важечки лични документи. Потфрлањето на државата да обезбеди важечки лични документи може да ги повреди другите права на граѓаните, како правото на слободно движење, правото на работа, правото на здравствена заштита и така натаму“, велат од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Возачките и сообраќајните дозволи веќе се менуваат бесплатно. Надлежните бараат начин за обесштетување на тие кои платиле.
Наташа Гркова-Петрушевска
