Македонија

Нема дополнителни трошоци за зелениот картон

14.02.2024 14:39

Директорот на Националното биро за осигурување, Трајче Латиновски вели дека граѓаните нема да бидат принудени на нов трошок...

По промената на дел од личните документи со новото име на државата кај дел од граѓаните постои дилема дали треба новото име да стои и на зелениот картон и осигурителните полиси. Директорот на Националното биро за осигурување, Трајче Латиновски вели дека граѓаните нема да бидат принудени на нов трошок.

„Во делот на зелениот картон нема никакви проблеми. Исто така кодот на државата останува на зелениот картон МК, бидејќи истиот и согласно Преспанскиот договор и во Обединетите нации е задржан, и истиот код ќе важи и понатака. Нема да има потреба ниту во иднина да се прават одредени промени“, нагласува Латиновски.

Но, осигурителните компании мака мачат со зачестените осигурителни измами при автомобилски незгоди. Тоа ја наметна потребата од апликација за нивна детекција. Системот функционира на принципот на анализа на податоци од секоја пријавена штета. Ќе користи напредни алгоритми за компарација кои се способни да детектираат повторливи информации за сомнителни имиња и возила, објаснуваат од осигурителните компании.

Не секогаш структурите на институциите работат во интерес на откривање на измамите- вели брокерката Оливера Клинчарова и додава дека апликацијата треба да се прошири на здравственото и земјоделското осигурување, а не да важи само за автоосигурувањето.

Способноста на апликацијата да идентификува потенцијални измами не само што го заштитува осигурителниот сектор од финансиски загуби, туку исто така, ги заштитува и клиентите од неволно учество во измамнички дејства.

Александра Велинова