Новите патни исправи проблем за лицата кои треба да се лекуваат во странство
Патните исправи со новото уставно име задаваат мака на оние кои мораат во странство да се подложат на интервенции како и на заболените кои треба да одат на контрола. Од Здружението на дијабетичари веќе неколку пати се обратиле до МВР каде поднесувале приговор до внатрешна контрола и сè уште чекаат одговор...

Лекот е пет пари, ама преку границата е. Вака е кога можноста за лекување освен илјадниците километри дистанца ја попречува и немањето патна исправа со новото уставно име. Мака е за оние кои мораат во странство да се подложат на интервенции, не помалку и за заболените кои треба да одат на контрола. Таков пример е скопјанка која треба да патува во Лондон на прва контрола откако била оперирана таму од тироидната жлезда. Друг бубрежно заболен, пак не може да оди по својата терапија која ја има само во странство бидејќи службите му го загубиле стариот пасош во кој имал важечка виза, ни раскажа претседателот на Здружението на дијабетичари Велев.
Велев додава дека веќе неколку пати се обратиле до МВР каде поднесувале приговор до внатрешна контрола и сè уште чекаат одговор. До МВР се обратиле и од Фондот за здравствено осигурување од каде велат дека ги имаат предвид овие проблеми на пациентите. За жал тие се надлежни само за утврдување на вистинската потреба од лекување на пациентите, сепак сакаат да им помогнат на своите осигуреници.
Овие наши сограѓани сега чекаат одговор од Министерството за внатрешни, во надеж дека сепак ќе бидат ставени во поприоритетна положба од другите чие здравје не зависи од документите.
Фиљана Кока
