Министерски состанок на НАТО
НАТО не е добротворна организација, затоа сите вложуваме во одбраната, вели првиот човек на Алијансата, Столтенберг. Укажа дека изјавите на Трамп дека нема сојузниците да се штитат меѓусебно, ја поткопува безбедноста на сите членки. Почна Министерскиот состанок за одбрана во Брисел …

Никогаш не смееме да го земеме мирот „здраво за готово“ иако нема закана за ниту еден сојузник. НАТО не е добротворна организација, туку инвестиција за нашата безбедност. Оваа година 18 сојузници ќе го достигнат прагот за воен буџет од 2 процента БДП, изјави генералниот секретар на НАТО Столтенберг. Коментирајќи ја изјавата на американскиот претседателски кандидат Трамп дека САД нема да штитат членка која не го исполнува овој услов, Столтенберг вели, тоа ја поткопува безбедноста на сите.
„Целта за постоењето на НАТО е дека напад врз еден сојузник ќе предизвика одговор од сите. Сè додека стоиме зад оваа порака заедно ќе спречиме воен напад врз сојузник. Секоја сугестија дека не стоиме зад некоја членка и нема да се штитиме меѓусебно, ја поткопува безбедноста на сите нас и го зголемува ризикот. Затоа е важно, не само на дела туку и со зборови јасно да комуницираме дека стоиме зад посветеноста на НАТО за заштита и одбрана на сите сојузници“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.
Сојузниците ќе продолжат со поддршка на Украина со оружје и обука на украинските сили.
„Канада ќе донира 16 милиони канадски долари за резервни делови, опрема и муниција за авиони „ф-16“ на украинската авијација заедно со САД, Данска и Холандија“, изјави Вилијам Блер, министер за одбрана на Канада.
„Влегуваме во критична фаза и сè уште постои можност Украина да победи или да ја изгуби војната. 13 земји – членки од Европа се обврзаа на долгорочна поддршка од 20 милијарди евра“, изјави Хано Певкур, министер за одбрана на Естонија.
НАТО ќе продолжи со плановите за зајакнато одвраќање и одбрана со поголеми инвестиции во воената индустрија. Сојузниците разгледуваат целосно снабдување на нови одбранбени планови, вклучувајќи и штит против нуклеарно оружје во Европа.
Ирина Гелевска
