Свет

„Моќниот Ајк“ плови на југот од Црвеното Море, морскиот транспорт е безбеден

14.02.2024 14:52

„Двајт Ајзенхауер“ американскиот носач на авиони од најмодерната генерација плови на југот од Црвено Море. По нападите на јеменските Хути, целта е да се обезбеди морскиот транспорт низ теснецот „Баб-Ел-Мандеб“ кон Суецкиот канал и натаму кон Медитеранот. Во спротивно, бродовите ќе бидат принудени да ја заобиколат Африка што би ги плафонирало цените на производите од далечниот исток и Австралија во Европа…

Во последново половина столетие, американските ловци Ф-18 во Црвено Море ја спроведуваат најдинамичната воена операција. Според командантот на втората ударна група на американската морнарица постигната е целта на скапата обука. Спречени се Хутите да го запрат морскиот проток до Европа.

„Досега им овозможивме на повеќе од две илјади морски пловила да минат низ ризичниот воден пат и ја охрабривме трговијата да минува низ Црвено Море. Морнарите и морската индустрија можат безбедно да пловат низ теснецот „Баб-Ел-Мандеб“, вели контра- адмирал Марк Мигез – командант на втората ударна група „Двајт Ајзенхауер“.

Мисиите на пилотите не се воопшто безопасни, од почетокот до завршувањето. Најважно е да се погоди целта.

„Многу прецизно ги погодуваме целите по оневозможувањето да лансираат беспилотни летала, крстосувачки ракети и балистички проектили против бродовите. Им ја онеспособуваме ориентацијата за определување на целите. Тоа го правиме во изминативе неколку недели“, додава капетан Марвин „Старвин“ Скот- командант на третата ескадрила на „Двајт Ајзенхауер.

„Моќниот Ајк“ е прекарот на носачот којшто веќе учествувал во Заливската војна, во мисиите во Ирак и во Авганистан. Вредноста на пловечкиот град изнесува околу пет милијарди долари, носивоста е 90 авиони и хеликоптери.

Зоран Богатинов