Воен конфликт

Украина потопи руски брод

14.02.2024 15:16

Со беспилотни летала успеа да го потоне рускиот десантен брод „Цезар Куников“ во Црно Море. Москва соопшти дека изутрина пресретнала шест украински дрона над морето...

Украина ѝ зададе уште еден удар на руската црноморска флота. Со беспилотни летала успеа да го потоне рускиот десантен брод „Цезар Куников“ во Црно Море.

„Продолжуваме со уништување на непријателските артилериски системи, минофрлачи и чамци“, изјави Наталија Хумениук, портпаролка на украинските одбранбени сили на југ.

Москва соопшти дека изутрина пресретнала шест украински дрона над морето. Во руски напад врз Доњецк загинаа три лица, меѓу нив дете и бремена жена. Уништени се болница и станбени згради. Во критичен недостиг од муниција по две години војна, украинските сили во очајнички напор да ги зачуваат ресурсите прибегнуваат кон старата тактика-разузнавачки информации добиени од радиопресретнување.

„Сета воена помош што ни ја дадоа нема да биде корисна ако не знаеме каде треба да гаѓаме“, вели „Мајак“ -член на разузнавачка единица.

Претседателот на претставничкиот дом на САД, Мајк Џонсон изјави дека нема намера да дозволи гласање за воената помош за Украина, и покрај апелот на Бајден дека отфрлањето би значело победа за Путин. Киев предупредува дека целите на Русија се многу пошироки.

„Путин никогаш немал намера да се ограничи само на Украина – неговите цели се многу пошироки“изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

За Русија во моментов не постои опција за договор со Украина.

„Оние кои ни објавија војна немаат значајни предлози, а бидејќи не се подготвени да ги земат предвид нашите интереси и ситуацијата на теренот, мали се шансите да се постигне договор на преговарачка маса“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

За десетина дена, војната во Украина ќе ја одбележи втората годишнина.

Бојана Крстевски