За две недели, Кочани два пати „мета“ на силно невреме!
Неколку возила се уништени, десетина куќи и дуќани поплавени, а возач е извлечен од автомобил врз кој паднало дрво, во невреме во Кочани. За две недели општината вторпат е погодена од поројни дождови и ветер. Годишно за санирање на последици од елементарни непогоди, околу 20 кочанци бараат помош од општината...

Најмалку 20 кочанци годишно поднесуваат барања до општината за отштета од елементарни непогоди. Согласно програмата за социјална заштита донесена како резултата на се почестите штети од поплави, ветер и пожари, општината на граѓаните им нуди помош во градежен метаријал.
Последен пат, Кочани беше место на силно невреме вчера кое зад себе остави искорнати дрвја, уништени возила, искинати електрични кабли и поплавени објекти и куќи.
Невремето за малку зад себе не оставило и жртви, откако дрво паднало врз автомобил во движење.
„Се движев со возилото кон браната Гратче, одденаш почнаа да паѓаат дрвја и слушнав јак звук. Тоа е се на што се сеќава. Колата е целосно уништена, но важно е што сум жив и здрав“, изјава Иван Коцевски, сопственик на автомобилот .
Според очевидци на настанот, глетката била страотна.
„Дуваше силен ветер. Голема среќа е што во тој момент немаше возило од другата страна, инаку оваа улица е многу прометна“, изјави очевидец.
Како последица на силното невреме и искорнатите дрвја, улицата кај Гимназијата во Кочани неколку часа беше затворена за сообраќај, а неколку села во кочанско се без електрична енергија поради дефект на далновод.
За две недели ова е второ невреме кое го погоди Кочани и околината и втори поплави на објекти и земјоделски површини. Досега, за последните два случаја, ниту еден граѓанин или сопственик на фирма, не побарал помош од општината.
Оливера Жежова
