Регионот Охрид-Преспа прогласен за прекуграничен биосферен резерват на УНЕСКО

12.06.2014 13:24

Меѓународниот комитет на УНЕСКО со акламација донесе одлука регионот Охрид-Преспа да биде прогласен за прекуграничен биосферен резерват на УНЕСКО. Одлуката ќе овозможи да се создаде нова вредност за овој уникатен регион, а во истовреме ќе отвори нови можности за промоција на природните вредности и нивно ставање во функција на туристичкиот и на економскиот развој...

Македонскиот и албанскиот дел на регионот Охрид-Преспа се прогласени за прекуграничен биосферен резерват на УНЕСКО. Оваа одлука е едногласно донесена на седницата на Меѓународниот Комитет на УНЕСКО која се одржува во Јончопинг-Шведска.

Според зборовите на Дејан Пановски од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро, создавањето на биосферен резерват е сублимат на сите постојни заштитени појаси во регионот и новиот статус треба да го засили интересот во светот за овој регион, како од еколошки, така и од инвестициски аспект.

„Биосферниот резерварт ги менува зоните кои ќе бидат или за одржливо управување, за активно управување или за строга заштота, оние кои што се и сега постојни, со тоа што УНЕСКО не забранува активности“, изјави Пановски.

Одлуката на Меѓународниот Комитет е признание на вредностите што ги поседува овој уникатен регион и се очекува таа да биде импулс за засилена туристичка промоција и економски развој.Луѓето и биосферата се едно тело преку одржливиот развој,вели Пановски, а биосферниот резерват е огромна инвестиција за иднината на Охрид и Преспа.

Сашо Нелоски