Дел од матичните гинеколози неосновано им наплаќаат услуги на пациентките

12.06.2014 13:31

Фондот за здравствено осигурување по изврешинете 23 контроли од почетокот на годинава до крајот на мај, од кои 17 вонредни по пријава од незадоволни пациентки, утврдил дека 6 гинеколошки ординации за примарна здравствена заштита имаат неправилности во работењето...

Во Фондот континуирано пристигнуваат поплаки и укажувања на пациентки за неправилности во работењето на матичните гинеколошки ординации. Им наплатувале дополнителни средства за ЕХО прегледи,колпоскопски прегледи, за земање брисеви за микробиолошка анализа, неприфаќање на осигуреникот кога сака да направи избор на матичен гинеколог во ординацијата и др.

Повеќето од нив немале фискална сметка како доказ за „екстра“ наплатените услуги, па поради тоа Фондот не може да ги казни ординациите за неправилното работење, ниту пак пациентката по пријавувањето да си ги врати неосновано земените пари назад. Оваа практика на дел од гинеколошките ординации трае со години поради фактот што се незадоволни од висината на капитацискиот бод што им го исплаќа Фондот за секоја пациентка.

Тие сметаа дека трошоците за брисеви и потрошениот материјал и носењето на анализа им носат загуба од сопствените средства.  По поплаките од пациентите, сепак Фондот во момонтот  на контрола затекнал неуредна евиденција во здравствениот картон, немање задолжителна ампуларна терапија за ургентни случаи само во 6 гинеколошки ординации.

Согласно Правилникот за овластувања и начин на работа на контролата на Фондот за здравствено осигурување, записниците/извештаите од извршените контроли со констатираните неправилности се доставени до Комисијата за оценување на услови за изрекување на договорни казни а ординациите се санкционирани согласно одредбите од договорот склучен со Фондот.

 

Соња Стојановска