Таравари ја објави кандидатурата за претседател
Дојде време државата да има претседател Албанец, не технички, туку вистински, рече Таравари на прес-конференција во Гостивар, на која присуствуваат лидерите на трите партии од Европскиот сојуз за промени...

Претседателот на Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, објави дека е кандидат за претседател на државата, на предлог на претседателството на Алијансата, со поддршка на Европскиот сојуз за промени.
Дојде време државата да има претседател Албанец, не технички, туку вистински, рече Таравари на прес-конференција во Гостивар, на која присуствуваат лидерите на трите партии од Европскиот сојуз за промени, Изет Меџити од Демократско движење, Африм Гаши од Алтернатива и Билал Касами од Беса.
„Јас ќе побарам поддршка од сите политички партии, вклучувајќи ги и другите албански партии, како и македонските, бошњачки, турски, ромски и сите оние коишто сметаат дека јас сум човекот којшто треба да ја предводи државата во следните пет години. Исто така бараме поддршка и од невладините организации и од сите групи на граѓани, било како да се организирани. Но, пред сè барам поддршка од народот којшто е најважен за мене како кандидат за претседател“, нагласи Таравари.
Дека гостиварскиот градоначалник и актуелен лидер на Алијанса ќе биде кандидат за претседател на државата на опозицискиот блок на Албанците, дел од медиумите објавија синоќа. Името на Таравари како можен претседателски кандидат на опозицискиот блок на Албанците се споменуваше уште од средбата која тој и лидерите на Европскиот сојуз за промени ја имаа со косовскиот премиер Албин Курти во Приштина на крајот на јануари годинава.
Инаку, неодамнешниот повик на Таравари до партиските тела да го поддржат во одлуката за заеднички изборен настап на Алијанса за Албанците со опозициските партии на Албанците предизвика раздор во партијата.
