Масовни руски ракетни напади врз Украина, прогласена тревога низ целата земја
Масовни руски ракетни напади низ повеќе украински региони. Регистрирани жртви и повредени, погодена е инфраструктура, оштетени се станбени и деловни објекти. Во Брисел, Министерски состанок на НАТО. Генералниот секретар Столтенберг нагласи дека со помош на сојузниците, Украинците повторно зазедоа половина од територијата што беше освоена од Русија...

Русија изврши нов ракетен напад врз Украина, прогласена тревога низ целата земја. Загинати и повредени цивили во различни делови, погодена е инфраструктура, оштетени се станбени и деловни објекти. Силите за воздушна одбрана одбиле напади од воздух и во Киев. Руските сили пак, известија за пожар во складиште за нафта во регионот Курск по удар од украинско беспилотно летало.
„Потврдено дека пет лица се повредени, а двајца загинале. Луѓето се под урнатините. Рекети С-300 беа употребени за време на ударот“, изјави Едуард Миргородски, шеф на Обвинителството во Купјанск.
„Погоден е објект од критичната инфраструктура. Ударниот бран оштети 19 куќи. Зафатени се две училишта и една градинка“, изјави Андриј Садови, градоначалник на Лавов.
Додека борбите продолжуваат, министрите за одбрана на НАТО на состанок во Брисел како подготовка за Самитот на Алијансата во јули во Вашингтон. Генералниот секретар Столтенберг нагласи дека со помош на сојузниците, Украинците повторно зазедоа половина од територијата што беше освоена од Русија.
„Гледаме дека нашата поддршка прави разлика, на бојното поле секој ден. Само вчера, Украинците успеаја успешно да нападнат руски поморски брод. Важно е да се осигураме дека Украина ќе го добие оружјето, залихите, муницијата што им се потребни. Треба да го зголемиме производството“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.
„Треба да се погрижиме Украина да го добие она што и треба за да победи во оваа војна. Треба да се погрижиме сите цивилизирани нации да бидат подготвени да застанат веднаш зад Украина, како што тоа го направивме од првиот ден и претходно, започна оваа офанзива“, изјави Грант Шапс, државен секретар за одбрана на Обединетото Кралство.
Рускиот претседател Путин ги обвини западните лидери дека ги искривуваат неговите забелешки за причините за руската специјална операција, дадени за време на интервјуто за американскиот новинар Такер Карлсон.
„Како што реков, ние не ја започнавме војната, туку само се обидуваме да ја запреме. Во првата фаза се обидовме да го направиме тоа преку мирни средства – преку договорите од Минск. Единственото нешто за што можеме да жалиме е што не ги започнавме нашите активности порано, верувајќи дека имаме работа со пристојни луѓе“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
Русија започна инвазија врз Украина на 24 февруари, 2022 година, по повеќенеделно распоредување трупи на нејзините граници.
Маријана Димовска
