Руско-украински конфликт

Масовни руски ракетни напади низ повеќе украински региони

15.02.2024 14:48

Масовни руски ракетни напади низ повеќе украински региони. Регистрирани жртви и повредени, погодена е инфраструктура, оштетени се станбени и деловни објекти. Во Брисел, Министерски состанок на НАТО. Генералниот секретар Столтенберг нагласи дека со помош на сојузниците, Украинците повторно зазедоа половина од територијата што беше освоена од Русија...

Русија изврши нов ракетен напад врз повеќе региони во Украина вклучително и главниот град Киев. Прогласена тревога низ целата земја. Загинати и повредени цивили во различни делови, погодена е инфраструктура, оштетени се станбени и деловни објекти. Руските сили пак, известија за жртви и повредени во напад врз трговски центар и училиштен стадион во Белгород и врз складиште за нафта во регионот Курск по удар од украинско беспилотно летало.

„Руската Федерација продолжува да ги игнорира законите на војување. Применува тактики на терор со ракетни и авијациски напади и гранатира со повеќе системи не само насочени кон воени, туку и цивилни објекти во нашата држава“Андриј Ковалевпортпарол на Генералштабот на вооружените сили на Украина.

И додека борбите продолжуваат, министрите за одбрана на НАТО на состанок во Брисел пред самитот на Алијансата во јули во Вашингтон. Во Советот за Украина дебата за дополнителна поддршка и приближување на Украина до членството во Алијансата.

„Гледаме дека нашата поддршка прави разлика на бојното поле секој ден. Само вчера, Украинците успеаја успешно да нападнат руски поморски брод. Важно е да се осигуриме дека Украина ќе ги добие оружјето, залихите, муницијата што им се потребни“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.

„Треба да се погрижиме Украина да го добие она што и треба за да победи во оваа војна. Треба да се погрижиме сите цивилизирани нации да бидат подготвени да застанат веднаш зад Украина, како што го правиме тоа од првиот ден“, изјави Грант Шапсдржавен секретар за одбрана на Обединетото Кралство.

Рускиот претседател Путин ги обвини западните лидери дека ги искривуваат неговите забелешки за причините за руската специјална операција, дадени за време на интервјуто за американскиот новинар Такер Карлсон.

„Како што реков, ние не ја почнавме војната, туку само се обидуваме да ја запреме. Во првата фаза се обидовме да го направиме тоа преку мирни средства – преку договорите од Минск. Единственото нешто за што можеме да жалиме е што не ги почнавме нашите активности порано, верувајќи дека имаме работа со пристојни луѓе“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.

Русија почна инвазија врз Украина на 24 февруари, 2022 година, по повеќенеделно распоредување трупи на нејзините граници.

 

Маријана Димовска