Во Прилеп налепници „НМК“ има, бесплатни се само во станиците за технички преглед
Налепници со ознаката „НМК“ во станиците за технички преглед има. Бесплатни се, но се нудат и преку социјалните мрежи, а и се печатат за пари. МВР не го коментира купувањето, туку само велат – бесплатните налепници треба да се набават во станиците каде се евидентира поставувањето…

Налепници, сообраќајни, возачки. Со пари или бесплатно? Засега само едно се знае, бесплатни се само налепниците со ознаката „НМК“ во станиците за технички преглед што ги доставува МВР и ги има.
Може да се купат, ако граѓаните изберат еден од огласите на социјалните мрежи. По 50, 40, па веќе ги има и по 10 денари. Дури и велат дека ги печатат и не гледаат ништо спорно во тоа. Нудат и избор на бои.
Министерството за внатрешни работи не го коментира купувањето налепници. Во одговорот, само се објаснува како бесплатно се издаваат во станиците и што е најважно, за издавањето се води посебна евиденција и возилото ќе биде евидентирано дека поседува налепница со ознака „НМК“.
Граѓаните бараат брзо да се расчисти што е бесплатно, а што се плаќа. Особено што не се знае за сообраќајните и возачките.
На граѓаните останува одлуката – дали ќе земат бесплатна налепница во станиците што се евидентира дека ја добиле, или сами ќе ги засукаат ракавите да залепат и да платат. Како ќе поминат на граница, никој не знае.
Елизабета Митреска
