Политика

Партиите и коалициите ги објавуваат фаворитите за претседателските избори

15.02.2024 15:04

Државната изборна комисија го утврди роковникот за изборите, партиите и коалициите веќе почнаа да ги објавуваат своите фаворити со кои ќе трчаат на претседателските избори. Само неколку часа откако беа распишани, падна договор Таравари да биде кандидат на албанската опозиција. Професорката Ванковска и докторот Марковски, покрај Таравари засега се единствените предложени кандидати. Власта и опозицијата сè уште калкулираат…

Не беше заинтересиран за претседателската функција, па се премисли. Арбен Таравари сепак ѝ фрли око на „Вила Водно“. Со поддршката на Гаши, Касами и Меџити ќе биде кандидат за претседател на Европскиот сојуз за промени. Првиот човек на Алијанса за Албанците вели дека ќе се води од Хипократовата заклетва и со неговиот избор би се создала можност-различностите да се претворат во уметност на соживот и хармонија. Уверен е дека во наредните два дена ќе ги собере потребните 10.000 потписи, ќе бара поддршка и од македонските партии.

Професорката Ванковска и докторот Марковски засега се единствените предложени кандидати. Власта и опозицијата сè уште калкулираат. ВМРО-ДПМНЕ на 2-ри март на конвенција ќе го избира претседателскиот кандидат. Во игра се три имиња, неофицијално и пратеничката Силјановска.

Социјалдемократите убедени дека нивниот кандидат ќе биде победник иако сè уште не го соопштиле неговото име. Велат-постапката согласно со статутот на партијата трае. Предложени се неколку имиња и во месните и во општинските организации, меѓу нив и актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски. По кавгата со него сè поизвесно е дека и интегративците ќе имаат самостоен настап на претседателските избори. Свои кандидати ќе предложат и ГРОМ на Стевчо Јакимовски и „ЗНАМ“ на Максим Димитриевски.

Земјава официјално е во предизборен период. Спикерот Митрески ги распиша изборите. Првиот круг претседателски е закажан за 24-ти април, заедно со вториот на 8-ми мај, ќе се одржат и парламентарните.

Викторија Милевска