Костадиновска-Стојчевска: Апелирам, културни работници да не одат против културни работници
Министерката за култура ги повтори начелата на конкурсите по кои одлучуваа комисиите, и рече дека тие не се со политички предзнак, а се однесуваат на поддршка на квалитетот, традицијата, подобрување на животот на заедницата и повеќекратни придобивки кои придонесуваат на разнородност на културата.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешниот брифинг со медиумите даде одговори на јавно поставените прашања во врска со резултатите од Годишната програма за поддршка на проекти од национален интерес за 2024 година.
Таа категорично ги отфрли квалификациите за политичко или друг вид на одлучување или влијание на Годишните конкурси и искажа незадоволство за начинот на кој некои корисници и членови на стручните комисии беа јавно жигосувани.
Костадиновска-Стојчевска за реакциите поврзани за поддршката на „Рациновите средби“, рече дека не ѝ е јасно зошто Општина Велес како долгогодишен организатор на оваа реномирана манифестација ја делегираа надлежноста за манифестацијата, на организација која нема традиција или искуство. „Ако сакаше да го задржат реномето на „Рацинови средби“, Општината Велес требаше да остане организатор на оваа важна манифестација“, нагласи министерката за култура.
Министерката за култура ги повтори начелата на конкурсите по кои одлучуваа комисиите, и рече дека тие не се со политички предзнак, а се однесуваат на поддршка на квалитетот, традицијата, подобрување на животот на заедницата и повеќекратни придобивки кои придонесуваат на разнородност на културата.
Во таа насока, Костадиновска-Стојчевска изрази жалење што некои од прифатените апликанти, по како што рече „медиумско-партискиот притисок“ се откажаа од добиените проекти. Таа додаде дека е против ваков начин на притисок и на моделирање на културата.
Костадиновска-Стојчевска соопшти дека ниту една одлука во Министерството не се носи по лична основа, и затоа потсети дека дел од Годишниот конкурс е и жалбената постапка која е во тек.
На брифингот со новинарите беа присутни директорите и претставници на четирите театри кои учествуваат на драмскиот фестивал „Мојсиу“ во Приштина, а тоа се албанските ансамбли од Скопје, Гостивар, Куманово и од Тетово, кои го образложија проектот и ставките кои им се одобрени за реализација.
Пред новинарите претседателот на фестивалот „Меридијани“, Шкељзен Пајазити го објасни историјатот на манифестацијата и обемноста на програмата за која се поддржани.