Воен конфликт

Жестоки борби во Украина, руската војска е пред освојување на Авдиивка

16.02.2024 11:57

Жестоки борби се водат во Украина. Таму полни две години беснее војна. Најжестоките судири се водат околу градот Авдиивка. Белата куќа предупреди на опасноста руските сили да го заземат градот. Ситуцијата е критична, потврди и украинската армија. Во меѓувреме, расте бројот на жртви во украинскиот напад врз Белгород. Крајот на војната не е ниту на повидок...

Руската војска е пред освојување на Авдиивка, стратегиски град на истокот во Донбас, регион под контрола на Кремљ. Киев поради недостигот од артилериска муниција, распореди механизирана бригада во градот. Состојбата е тешка на теренот, потврди новиот началник на украинскиот генералштаб, Олександар Сирскиј, дипломец на Воената академија во Москва. Ризикот е присутен, порачаа од Белата куќа, по информациите за руска контрола на руските сили на јужниот дел од градот.

„Сега руските сили ги освојуваат украинските ровови во Aвдиивка и ја уништуваат украинската одбрана. Неодобрувањето на помошта на конгресот е на рамењата на украинските војници. Она што се случува во градот, може набрзо да се случи насекаде на фронтот“, изјави Џон Кирби- координатор за стратегиски комуникации на Националниот совет за безбедност на САД.

Украинскиот претседател којшто во Минхен со Макрон и Шолц треба да го потпише тројниот безбедносен пакт, преку смени во военото раководство се обидува да го одбрани градот.

„Во Авдиивка ќе направиме максимум за да можат нашите војници и команданти да спасат што повеќе Украинци. Но, војната бара употреба на модерни технологии“, изјави Володимир Зеленски-претседател на Украина.

Масовните руски напади на фронтот не престануваат. Дронови и артилериска канонада врз Харков, во станбена област загинаа најмалку петмина. Како во Втората светска војна, се употребуваат сите елементи на психолошките операции, ечат звучници на оклопните транспортери.

„Украински оружени сили вашиот отпор и одбрана се бесцелни.“

Состојбата и според Генералниот секретар на НАТО е далеку од наивна. Поразот на Украина би имал глобални последици.

„Доколку Путин победи во Украина, тоа ќе биде порака и за кинескиот претседател да употреби воена сила. Она што се случува во Украина денес, утре може да се случи на Тајван“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.

Наближува двегодишнината од војната во Украина којашто почна на 24-ти февруари.

Зоран Богатинов