МРТ доби благодарница од Српската амбасада за несебично укажаната помош за време на поплавите

12.06.2014 15:27

Амбасадорката на Република Србија во Македонија, Душанка Дивјак-Томиќ денеска им се заблагодари на сите оние кои донираа за помош на поплавените подрачја во нејзината земја...

Македонската радио телевизија доби благодарница од амбасадорката на Република Србија во Република Македонија за несебично укажаната помош во известувањето за поплавените подрачја. Македонците со големо срце ја докажаа својата хуманост за настраданите во поплавените подрачја во Србија и БиХ. Помошта сеуште пристига, иако со помал интензитет. Следуваат нови донации.

„Тоа е она што само го потвдува традиционалното пријателство на нашите два народи и две држави. Бројките, што се однесува на Македонија се сигурно значајни, затоа што Македонија е мала држава. И Македонија и Србија имаат големи економски проблеми. Да одвоиш толку во ова време, тоа мора посебно да се цени“, изјави Душанка Дивјак – Томиќ, амбасадор на  Србија во Македонија.

„Заклучно со денешниов ден во двете држави се испорачани некаде околу 45 тони шлепери хуманитарна помош, тоа би било еквивалент на околу 900 тони сега за сега. До крајов на неделава и со почетокот на наредната недела имаме залихи за уште 10 пратки“, изјави Саит Сеити, генерален секретар на Црвен Крст на Република Македонија.

„Критичниот момент на извлекување на луѓе затечени од поплавите веќе беше пододминат, така што воглавно нашата задача беше достава на храна, лекови, вода, облека  во одсечените делови во околината  на Обреновац“, вели Радош Ефремов од специјалната полиција „Тигри“.

Голем број Mакедонци беа засегнати и со сите сили несебично помагаа, донираа храна, облека, парични средства над половина милион евра.

Благодарници за помошта добија и министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески и Министерството, специјалната едининица „Тигар“, МВР, Министерството за одбрана, бројни други владини институции и општини, Црвениот крст, Лекарската комора, фирми, поединци, како и медиумите.

Сања Спиридонова