Расте притисокот врз Тел Авив
Блискиот Исток отсекогаш важел за невралгична точка, но, војната во Газа се заканува да го запали целиот регион. Американскиот претседател, Џо Бајден, го предупреди Нетанјаху дека не треба да продолжи со воена акција во Рафа, без кредибилен и спроведлив план за заштита на палестинските цивили. Сепак, Тел Авив како да не ги слуша предупредувања. Израелската војска го напаѓа југот на Газа од копно, море и од воздух...

Расте притисокот врз Израел. Американскиот претседател Бајден, за помалку од една недела, повторно му порача на израелскиот премиер Нетанјаху дека не треба да продолжи со воена акција во Рафах без план за заштита на палестинските цивили. Нетанјаху ги отфрла меѓународните наредби и тврди дека мировниот договор ќе биде постигнат само преку директни преговори меѓу Израел и Хамас. На фронтот, израелската армија не ги запира операциите во Газа по копно, море и воздух. Тел Авив го обвини Хамас дека користи болници и други цивилни објекти за сокривање затвореници и борци.
„Специјалните сили беа принудени да оперираат во болницата Насер за да ја исполнат нашата мисија да ги пронајдат нашите заложници и да ги ловат терористите.Можам да потврдам дека терористите се криеле и оперирале од болницата Насер во Кан Јунис“, изјави пoртпарол на израелската одбрана, Даниел Хагари
Во пограничниот град Рафах, во близина со Египет, се сместени над милион палестински цивили раселени од другите делови на Појасот Газа. Израелската влада најави дека армијата ќе дозволи цивилите да ја напуштат зоната на конфликтот, но не објасни каде би можеле да заминат Палестинците.
„Бев сместен во училиште пред болницата „Насер“. Никогаш не заминавме. Секој што ќе излезеше од вратата на училиштето или ќе стигнеше до Насер, беше застрелан. Ситуацијата беше многу трагична“, изјави раселен од Кан Јунис.
„Бев во болницата Насер. Не опседнаа пет до шест дена. Никој не смееше ниту да влезе, ниту да излезе. Откако беше направена опсада на болницата „Насер“, нема ни вода ни храна“, вели раселен и повреден жител од болницата Насер.
Руските власти објавија дека меѓупалестински состанок треба да се одржи во Москва од 29-ти февруари до 1-ви или 2-ри март, а поканети се претставници на милитантните групи од Појасот Газа, Хамас и Исламски џихад.
Маријана Димовска
