Русија обвинува дека Украина користи запаливи бомби, Украина демантира

12.06.2014 15:47

Агенцијата „Риа Новости“ известува дека украинските воени сили фрлале запаливи бомби на селото Семеновко близу Славјанск, коешто е упориште на проруските сепаратисти...

Висок претставник од Министерството за надворешни работи на Русија ги обвини украинските власти дека на источниот дел од земјата користат забрането оружје, откако руските медиуми објавиле дека се користат запаливи бомби.
 
Украинската национална гарда веднаш ги демантираше обвинувањата, нарекувајќи ги апсурдни. Константин Долгов, задолжен за прашањата за човекови права во руското Министерство за надворешни работи на својот Твитер профил напишал „Украинските воени сили и неонацистите пукаат на жителите на Славјанск коишто бегаат, убиваат деца... На нив пукаат од забрането оружје. Киев е одговорен за за се повеќе злосторства против човештвото кога е во прашање цивилното население на југоистокот на земјата. Таму треба да се спроведе истрага и да се казнат одговорните“.
 
Агенцијата „Риа Новости“ известува дека украинските воени сили фрлале запаливи бомби на селото Семеновко близу Славјанск, коешто е упориште на проруските сепаратисти.
 
Русија последните неколку седмици постојано ги обвинува украинските сили за користење недозволиви средства во воените акции против бунтовниците на истокот на земјата.
 
Европската унија го повикува Киев на воздржаност во воените акции, истовремено  истакнувајќи го нивниот легитимитет. 
 
Соња Стојановска