Македонија

Павле Трајанов поднесе иницијатива до Уставниот суд за хашките случаи

16.02.2024 14:13

Претседателот на Демократскиот сојуз и пратеник, Павле Трајанов поднесе иницијатива до Уставниот суд за поништување на автентичното толкување на членот 1 од Законот за амнестија, со којшто се запре постапката за четирите хашки случаи. Судијката Маргарита Цаца - Николовска укажува, државата треба сериозно да го разгледа барањето...

Воените злосторства врз цивилите според Кривичниот законик, но и според Женевската конвенција не застаруваат, вели пратеникот Павле Трајанов. Поднесе иницијатива до Уставниот суд со која бара да се поништи автентичното толкување од Законот за амнестија, кој ги опфаќа четирите хашки случаи.

Владата неодамна прими писмо, со кој Советот на Европа бара да се укине амнестијата за хашките случаи, но за техничкиот премиер тоа било завршена работа. Судијката Маргарита Цаца Николовска, за МТВ вели дека дописот не треба да се игнорира.

Случаите „Водство на ОНА“, „Липковско езеро“, „Непроштено“ и „Мавровски работници“ не добија судски епилог, бидејќи со политичка одлука во 2011-та година се стави крај на кривичниот прогон за извршителите и одговорните во овие предмети.

 

Анита Димитријевска – Велковска