Влада

Средба Џафери – Стефанишина

16.02.2024 14:15

На состанокот заеднички се оцени дека безбедносното прашање на Украина е безбедносен предизвик за цела Европа и за меѓународната демократска заедница во глобални рамки...

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, во Минхен се сретна со вицепремиерката на Украина за европска и евроатлантска интеграција, Олга Стефанишина. На состанокот заеднички се оцени дека безбедносното прашање на Украина е безбедносен предизвик за цела Европа и за меѓународната демократска заедница во глобални рамки. Од тие причини се изразија очекувања европската и светската демократска јавност да стојат заедно и едни до други како клучен предуслов за одбраната на глобалниот мир.

Премиерот Џафери ја поздрави и одлуката на Европскиот совет да отвори пристапни преговори за членство на Украина во Европската Унија и отвори можност за споделување искуства во однос на евроинтеграцискиот процес и реформите потребни за приближување кон Унијата.

Премиерот Џафери напомена дека како земја-членка на НАТО остануваме посветени на политиката на отворени врати на НАТО и ја поддржуваме апликацијата на Украина за членство во НАТО. Украина беше, исто така, врвен приоритет и клучно безбедносно прашање при претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ.

Северна Македонија работеше и сè уште работи на обезбедувањето суштинска поддршка за Украина и нејзиниот народ, истакна премиерот Џафери.