Роковите течат, партиите тактизираат
Изборните рокови течат, партиите тактизираат. Досега, само дел ги открија нивните кандидати за претседател. Дел од аналитичарите очекуваат најавата на Таравари да ги натера интегративците да ја извадат тешката артилерија…

Тактизирање со објавата на претседателскиот кандидат, комбинаторики за предизборно коалицирање до последен момент. Големите партии не се воздржуваат од прогнози, ниту од коментари за своите опоненти. Претседателот на СДСМ Ковачевски вели дека вратата е отворена за сите што ги делат вредностите за зачленување на земјава во ЕУ. За поранешниот сопартиец Димитриевски смета дека води кампања која се базира да оди против своите.
„Имало такви искуства и во минатото, политички партии коишто произлегуваат од СДСМ, меѓутоа на крајот пак завршувале или во СДСМ каде што им било и местото, или во коалиции со СДСМ“, изјави Ковачевски.
Најавата за кандидатура на Ахмети за претседателските, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски ја оценува како одлична можност за политичко пензионирање, но во истовреме го охрабрува првиот интегративец да истрча на изборите.
„Ако тој цени дека ќе постигне резултат којшто ќе биде значаен, тогаш зошто да се крие зад такви нарачани текстови на портали коишто ги финансира неговиот соработник од народни пари. Мојата порака и мојот совет, би бил дека ова е одлична можност за незаслужена политичка пензија“, рече Мицкоски.
Ахмети за претседателски кандидат е изненадување, оценуваат аналитичарите. Окрупнувањето на албанската опозиција ги принудува ДУИ да ја извадат тешката артилерија- оценува политикологот Атанасовски. ДУИ ја чека разврската во Алијансата – вели Муслиу. Според него не е исклучена можноста оваа партија на крај да излезе и со консензуален кандидат.
„За мене тоа значи дека ДУИ ја вади тешката артилерија во однос на пресметката со етничко-албанската опозиција, која е сега здружена од четири помали политички партии, каде што со приклонувањето на крилото на Таравари и неговото официјално номинирање, меѓу редови ДУИ прв пат признава дека може да и биде загрозено првото победничко место“, смета аналитичарот Благојче Атанасовски.
„Мислам дека кандидатурата на Али Ахмети не е изненадувачка, но јас би почекал потврда за тоа. Можно е да понудат и друг кандидат, а можно е и да се оди на варијанта консензуален кандидат“, додава аналитичарот Алберт Муслиу.
Дел од аналитичарите оценуваат-Алијансата ќе ја доживее судбината на БЕСА.
Марина Стојанова-Тонева
