Граѓаните ќе добиваат смс порака кога да ја подигнат патната исправа
МВР го олеснува процесот за подигнување на готовите пасоши. Граѓаните кои се фотографирале во „Пролет“ и во зградата на Македонска телевизија ќе добиваат смс порака кога да ја подигнат патната исправа. За возачките и сообраќајните не треба да се наплаќа, освен административна такса...

Нови правила за подигнување на пасошите за скопјани. Наместо да чекаат со часови пред пунктови отсега оние кои се фотографирале во полициската станица „Пролет“ и во зградата на Македонската телевизија, од понеделник ќе добиваат смс порака, во кој термин да ја подигнат патната исправа. Од МВР информираат дека ова не важи за граѓаните кои се фотографирале во другите градови, но и во преостанатите пунктови. Готовите пасоши сепак ќе ги подигнуваат како и досега.
Уште на 14-ти февруари во Службен весник е објавено дополнувањето на решението на МВР во кое стои дека цените на обрасците за возачките и сообраќајните дозволи се бесплатни. Три дена по владината одлука граѓаните се жалат дека во практика не се спроведува и дека сепак мора да одвојат околу 1.000 денари за нивна замена.
На возачите не им се наплаќаат цените на обрасците туку административната такса за документите, соопштија од МВР.
„За истите документи е пропишана административна такса која се наплатува, согласно со Законот за административните такси кој сè уште нема претрпено измени во тој дел. МВР ќе предложи измена на Законот, се со цел и административната такса да не се наплаќа“, стои во соопштението од МВР.
Владината одлука со која замената на возачките и сообраќајните дозволи ќе биде бесплатна беше донесена во вторникот, ден потоа и објавена во Службен весник.
Викторија Милевска
