Русија

Западот смета дека Москва е виновна за судбината на Навални

16.02.2024 14:52

Број еден вест во светот е смртта на рускиот опозиционер и жесток критичар на Путин, Алексеј Навални. Од затворот, каде што беше над 11 години, соопштија дека му се слошило, по што колабирал. Западот смета дека Москва е виновна за неговата судбина. Од Кремљ, пак, бараат предвреме да не се извлекуваат заклучоци...

Почина рускиот опозиционер и критичар на Кремљ, Алексеј Навални.Не се чувствувал добро по прошетка, по што изгубил свест.Итната медицинска помош се обидела да го реанимира но без резултат. Од Кремљ велат дека претседателот Путин е информиран за смртта на Навални, Западот избрзува со заклучоци, а причината треба да ја кажат лекарите.

„Федералната служба за казнено-поправни установи врши испитувања. Не се потребни никакви инструкции, бидејќи постои одреден сет на правила во овој поглед. Лекарите треба некако да откријат“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

48-годишниот Навални беше жесток критичар на рускиот претседател Путин, противник на војната во Украина, одлежа 11 и пол години затвор за измама, непочитување на судот и прекршување на условната казна. Во август, тој беше осуден на дополнителни 19 години затвор. Постојано ги негираше обвиненијата, кои западот и меѓународните организации ги сметаат за политички мотивирани.

„Ова е страшна вест. Трагедија за сите нас. Не само за неговото семејство – за сите, луѓето кои го познаваа лично. И јас го познавав лично, бевме блиски. Едноставно немам зборови, – запрепастен сум. Извинете“, изјави Олег Орлов, правен застапник за човекови права.

Москва мора да одговори на сериозни прашања, реакции од светската јавност.

„Сите факти мора да се утврдат. Она што го видовме е дека Русија станува се повеќе авторитарна сила. Тие со години ја угнетуваат опозицијата. Навални беше во затвор и исклучително важно е Русија сега да одговори на сите прашања што ќе бидат поставени за причината за смртта“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.

„Повеќе од декада, руската влада го обвинуваше, труеше и затвораше Алексеј Навални и сега добивме извештај за неговата смрт. Фиксирањето и стравот од еден човек само ја нагласуваат слабоста на системот што Путин го изгради“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.

Навални беше адвокат, политичка и јавна личност, познат по истрагите за корупцијата во Русија. Се кандидираше за градоначалник на Москва, по што ја објави намерата да учествува на претседателските избори во 2018 година. Кандидатурата не помина поради незавршената судска постапка. Како основач на фонд за антикорупција, беше главен иницијатор на масовните протести одржани во 2017-2018 година во Русија. Во 2020 година, поради последица од труење со хемиски нервен агенс од групата новичок, Навални падна во кома, по што се лекуваше во болница во Берлин.

„Го сретнав Навални овде во Берлин кога тој беше во Германија обидувајќи се да се опорави од нападот со труење и исто така разговарав со него за големата храброст што е потребна за да се вратиш во земјата. И веројатно сега ја плати таа храброст со својот живот“, изјави Олаф Шолц, канцелар на Германија.

Алексеј Навални беше преместен од еден во друг затвор на почетокот на декември. Тој исчезнува повеќе од две недели, пред да биде лоциран во оддалечена казнена колонија, северно од Арктичкиот круг.

 

 

Маријана Димовска