Пендаровски, Џафери и Османи на 60-та Минхенска безбедносна конференција
Во Германија од денеска до 18-ти февруари се одржува 60-та Минхенска безбедносна конференција. Главни теми се војната во Украина, случувањата на Блискиот Исток, одбрана на Европа и процесот на проширување на Унијата. Присутни се 50-ина светски лидери. Земјава ја претставуваат претседателот, премиерот и министерот за надворешни работи…

Во Минхен досега незабележани безбедносни мерки поради конференцијата на која се дискутираат критичните теми-состојбата во Украина и на Блискиот Исток, поврзани со европската иднина.
Светската политичка елита низ панели се обидува да дојде до решенија за тековните глобални предизвици. Генералниот секретар на Обединетите нации не ги оправдува нападите на Хамас, но вели дека не може да се казнува и палестинскиот народ во Појасот.
„Состојбата во Газа предупредува поради застојот на меѓународните релации. Војната се прелева надвор од границите во регионот и влијае врз светската трговија. Повеќе пати повикав на итен и безусловен прекин на огнот и на ослободување на заложниците“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ООН.
Според техничкиот премиер Џафери, од особена важност се и претстојните избори во Европската унија.
„Во повеќе од 65 земји во светот, преку 2 милијарди граѓани ќе имаат можност на избори да ја искажат својата волја и секако дека тоа е од посебен интерес за да се обезбедат соодветни демократски предуслови за слободни, фер избори од кои ќе произлегуваат новите институции во соодветните држави“, нагласи Џафери.
Џафери имаше средба со вицепремиерката Стефанишина, на која е потврдена политиката на отворена врата на НАТО и кандидатскиот статус на Украина за Европската унија. На конференцијата во Минхен учествуваат и претседателот Пендаровски и министерот за надворешни Османи.
Александра Велинова
