Политичките лидери во Минхен втор ден разговараат за глобалните безбедносни ризици
Во сенка на смртта на Навални, воените лидери во Минхен втор ден разговараат за глобалните безбедносни ризици и потребата да се задржи мирот во светот. Стабилноста на НАТО, војната во Украина и Израел високо на агендата...

Актуелните кризи во светот-главен фокус на 60-та Минхенска безбедносна конференција. Политичките и воени лидери во обид да ја најдат формулата за мир и безбедност во време кога војната во Украина беснее веќе втора година, а Блискиот Исток станува буре-барут кое му се заканува на глобалниот мир. Германскиот канцелар Шолц кој вети 28 милијарди евра помош за Киев, ги повика и другите европските земји да го сторат истото.
„Сите знаеме што би значела руската победа во Украина. САД ја поддржаа со нешто над 20 милијарди долари воена помош годишно, со бруто домашен производ од 28 трилиони долари. Споредливиот напор мора да е најмалку што треба да направи која било европска земја. Зборуваме за најголемата безбедносна закана на нашиот континент, војната овде во Европа. Само ако сме обединети, Путин ќе разбере дека нема да има диктиран мир по налог на Москва“, изјави Олаф Шолц, германски канцелар.
2024 мора да биде година за целосно обновување на светскиот поредок заснован на правила – изјави украинскиот претседател Зеленски.
„Колку подолго трае руската агресија против светскиот поредок заснован на правила, толку поголеми се промените што ги предизвикува и секое избувнување на војна во иднина, ризикува да се претвори во глобална катастрофа. Можеби залихите на храната или миграцијата ќе ги скрши постојните регионални рамнотежи и ќе поткопа многу политички системи. Можеби Европа се соочува со моменти кога прашањето за повикување на членот 5 од договорот за НАТО воопшто нема да биде прашање за Вашингтон, туку за европските престолнини“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Конференцијата се одржува во време кога конфликтот меѓу Русија и Западот донесе војна во Европа, која со децении се бори да обезбеди мир, поддржана од американските безбедносни гаранции за НАТО-Алијансата, која Трамп се закани дека ќе ја укине. Русија и Иран, кои ги поддржуваат Хутите и антиизраелскиот Хезболах во Либан, не беа поканети бидејќи, според организаторите, не покажале дека навистина се грижат за преговорите.
Бојана Крстевски
