Втор ден реакции и демонстрации по смртта на Навални
Смртта на рускиот опозиционер Алексеј Навални кој почина во затвор, во центарот на вниманието во светот. Јавно се огласија десетици моќни светски политичари кои изразија сочувство на семејството. Околу 100 лица се уапсени за време на неколку собири во Русија во знак на сеќавање на Навални...

Расте револтот поради бруталната смрт на рускиот опозициски лидер Навални. Гневни граѓани излегоа на улиците во Москва, Санкт Петерсбург, Нижни Новогрод. Над 100 лица се упасени во собирите организирани во десетици руски градови. Цвеќиња и свеќи, транспаренти со жестоки пораки против Кремљ – илјадници луѓе и пред руските амбасади, насекаде во светот изразуваат сочувство, тагуваат поради смртта на Навални.
„Ако погледнете наоколу овде, можете да видите дека тој беше важен човек. Иако немаше обединета опозиција, тој беше еден од главните опозициски лидери“, рече жител на Берлин.
„И покрај различните мислења што луѓето ги имаа за него, тој беше симбол за можни промени и надеж што сега веќе ја немаме“, вели жител на Берлин.
„Чувствувам многу гнев. И тага, се разбира, но најмногу гнев. Ова трае многу долго и ова не е прва смрт што им се случила на политички затвореници во Русија. Не е првиот човек кој умре од рацете на режимот. Да, моето чувство главно е гнев“, рече Ксенија Березина, Лондон.
Портпаролот на Кремљ, Песков ги повика западните лидери да не даваат екстремни изјави поврзани со смртта на Навални. Тврди – федералната казнена служба ги презема сите чекори за истражување на причините. Но, лавината реакции од светските лидери не запира. Американскиот претседател Бајден, изјави дека е огорчен и директно го посочи Путин како виновник за смртта на опозицискиот лидер. Генералниот секретар на Светската организација побара темелна и непристрасна истрага.
„Нема сомнеж дека смртта на Навални е последица на нешто што го направија Путин и неговите насилници. Оваа трагедија нè потсетува на влоговите во овој момент. Мораме да обезбедиме финансирањето за Украина да продолжи да се брани од злобните напади и воените злосторства на Путин“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.
„Русија на крајот стратешки загуби, бидејќи ги става своите слободарски духови во гулагот. Ги осудува на смрт, како што тоа го направи со Навални. Да смртта на Навални зборува за слабоста на Кремљ кој се плаши од противниците“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
На безбедносна конференција во Минхен присуствува и сопругата на починатиот опозиционер. Се обрати пред присутните, барајќи правда за Навални. Путин и сите околу него треба да знаат дека ќе бидат казнети за она што му го направија на моето семејство, рече таа. Навални почина како политички притвореник во казнената колонија на Арктикот. Тој е последниот во долгиот список на мистериозна и ненадејна смрт на противниците на Путин.
Маја Стојанова
