Истекуваат роковите за медиумите
Изборите се наближуваат, но ќе бидат малку поинакви од оние досега. Според Државната изборна комисија, не се очекуваат проблеми, но за време на предизборниот молк за претседателските избори ќе мора да прекине кампањата два дена...

Притиснати од роковите, медиумите поитаа кон шалтерите на Државната изборна комисија. До полноќ треба да достават барања за упис во регистарот, до утре на полноќ, пак, радиодифузерите, печатените и електронските медиуми треба да ги достават ценовниците вели за МТВ, државниот советник во ДИК, Гугучевска. При доставувањето медиумите мора да назначат за кои изборни процеси сакаат да вршат платено политичко рекламирање.
Овие двојни избори со себе ќе ја донесат најспецифичната ситуација до сега откако се спроведуваат повеќепартиските избори во земјава. На изборниот молк за претседателските избори на 23-ти април му се заканува гласна кампања за парламентарните избори која ќе биде во својот 6-ти ден па партиите на големо ќе ги претставуваат програмите и кандидатите. Дали и што ќе биде преземено за да се избегне оваа ситуација сè уште е неизвесно.
Претходно претседателот Даштевски изјави дека можно е да има прекин на изборните активности и за парламентарните избори, но тоа е сè уште само размислување. Годинава ќе гласа и дијаспората. Пријавувањето за гласање во нашите дипломатско конзуларни претставништва нашите сонародници ќе можат да го направат во хартиена пријава или електронски преку веб-страницата на ДИК. Новата состојба во избирачкиот список ќе биде објавена со почетокот на јавниот увид на 28-ми февруари.
Фиљана Кока
