Поради доцнењето на пасошите се откажуваат аранжмани
Поради доцнењето на пасошите се откажуваат закажани туристички и деловни патувања во странство, пропаѓаат купени авиобилети и платено сместување. Финансиски штети врз грбот на граѓаните и туристичките агенции...

Десетици откажани аранжмани, пропаднати авиобилети и платено сместување во странство. Промената на патните исправи доведе до откажување голем број закажани туристички и деловни патувања. Голем број граѓани кои уште во декември го започнале процесот на промена на документи, сè уште немаат пасоши.
Од туристичките агенции во Охрид велат финансиски импликации имаат и граѓаните и агенциите.
„Имаме проблем во работењето заради промената на новите документи со новото име. Заради доцнењето на пасошите и личните карти имаме навистина проблеми во работењето. Закажани аранжмани, патниците не можат благовремено да ги добијат своите патни исправи и тука се создаваат доста проблеми во работењето“, вели Загорка Георгиеска, туристички работник од Охрид.
Туристичките агенции стравуваат дека поради доцнењето на пасошите, ќе има откажување и на редовните екскурзии на учениците.
„Почнуваат средношколските екскурзии коишто учениците со нетрпение ги очекуваат но со овој тренд ако се продолжи ќе се соочиме со проблеми, ќе има ученици кои што нема да успеат да извадат пасоши и замислете какво ќе биде чувството некое дете да оди на екскурзија а некое да не оди. Ќе имаме доста непријатни ситуации за децата а и за нас како туристички агенции бидејќи ние однапред плаќаме и хотели и останати услуги“, вели Јаким Маленко, туристички работник од Охрид.
Од туристичките агенции велат трпат сериозни загуби, бидејќи се соочуваат и со откажување на аранжманите за 8-ми март и за Велигденските празници, поради тоа што граѓаните не знаат дали ќе ги добијат новите патни исправи.
Соња Рилковска
