Во Куманово регистриран нов случај на голема кашлица
Големата кашлица продолжува да се шири. Во Куманово е регистриран уште еден случај, со што бројот на заболени деца се искачи на четири. Опфатот на имунизирани не е на задоволително ниво...

Уште еден случај на голема кашлица во Куманово, регистрира Центарот за јавно здравје, со што бројот на заболени деца се искачи на четири. Болеста е потврдена кај петгодишно дете. Момчето не било вакцинирано и не посетувало градинка. Истото е со полесна клиничка слика, на домашно лекување, информираа од установата. Минатата седмица во Куманово беа потврдени три случаи. Две од дечињата беа хоспитализирани. Во сите случаи дечињата не биле имунизирани.
Од Здравствениот дом потврдија дека опфатот со имунизација не е на задоволително ниво. Но сепак е далеку подобро од вакцината МРП. Сепак последните случаи и појавата на голема кашлица ги загрижија граѓаните, па почнаа масовно да ги имунизираат дечињата. За неколку седмици вакцинирани се дури 700 дечиња.
На дневно ниво бројот на дечиња што се имунизираат достигна и 100. За споредба претходно изнесуваше до 30-ина деца.
Здравствените работници посочуваат дека до нив стигнале реакции од родители кои навреме ги вакцинираат своите дечиња. Тие не сакаат нивните деца да посетуваат градинка и училиште со невакцинираните.
„Сега родителите се поисплашени, доаѓаат да ги вакцинираат бебињата и поголемите деца. За жал, имаме деца на четиригодишна возраст со ниту една примена доза, што е загрижувачки“, изјави д-Валентина Богоевска-Димитриевска од диспанзер Куманово.
Пертусисот се смета за втора по морбили контагиозна болест, која не ги штеди помалите, ниту повозрасните.
Елена Георгиевска
