Големата кашлица зема замав
Голема кашлица зема замав- бројот на заболени деца се зголемува. Вакциналните пунктови работат со вонредно време.

Расте бројот на заразени со голема кашлица. Шуто Оризари e општината со најголем степен на вакцинација и надминува 80%, на територија на цела Македонија. Лекарите апелираат и другите општини како Центар, Карпош, Аеродром, да го следат овој пример и да се огледаат во своите сограѓани од Шуто Оризари. Лекарите апелираат до родителите да ги носат децата да примат вакцина што поскоро.
Најголем број од заболените се од Скопје – 40%, потоа следуваат во Куманово, Гостивар, Тетово. Во главниот град има 7 нови случаи, од бебиња, деца, па и возрасни, а вкупната бројка надмина 42.
Докторите очекуваат бројките на заразени да растат, оти има многу што не се заштитени од болеста. Затоа апелираат на масовна вакцинација.
За една недела, пријавени се 17 нови случаи на заразени со голема кашлица, што е зголемување за 21% во споредба со минатата недела, покажуваат податоците од Институтот за јавно здравје.
Лекарите велат дека мора родителите час поскоро да ги носат своите деца на вакцинација.
Пунктовите за вакцинација работат и во сабота од 8 до 14 часот.
Инаку, првиот пријавен случај на голема кашлица беше пријавен во јануари, годинава. Но, не само кај нас, случаи на „пертусис“ има и во соседството, каде има и починати.
Борис Грујоски
