Минхен

Столтенберг: НАТО е воено посилен од Русија

17.02.2024 15:39

60-та Минхенска безбедносна конференција. Политичките и воени лидери имаат сериозна задача да најдат начин за мир и безбедност во време кога војната во Украина беснее, а Блискиот Исток станува буре-барут кое му се заканува на глобалниот мир. За Киев обезбедени се дополнителни финансиски средства...

НАТО е воено посилен од Русија, многу е важно да не се дозволи Москва погрешно да ја процени подготвеноста – изјави првиот човек на Алијансата Столтенберг на вториот ден од безбедносната конференција во Минхен.

„Сè додека таа порака и е јасна на Москва, ниту еден член нема да биде нападнат. Војната во Украина покажа дека има некои сериозни недостатоци кога станува збор за одржување. Потребна е муниција“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.

Германскиот канцелар Шолц вети 28 милијарди евра помош за Киев, и ги повика другите европските земји да го сторат истото.

„Само ако сме обединети, Путин ќе разбере дека нема да има диктиран мир по налог на Москва“, изјави Олаф Шолц.

Шефицата на европската комисија изјави дека Русија мора да биде надмудрена. Најави дека ќе претстави стратегија за заедничка одбранбена индустриска политика за ЕУ.

„ЕУ мора да ја засили својата одбранбена индустриска база и затоа мораме да бидеме многу подобри во одбранбеното производство. За околу три недели ќе ја претставиме одбранбената индустриска стратегија“, изјави Урсула Фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

Колку подолго трае руската агресија против светскиот поредок заснован на правила, толку поголеми се промените. Секое избувнување на војна во иднина, ризикува да се претвори во глобална катастрофа, вели украинскиот претседател.

„Нашата цел е да станеме земја-членка на НАТО и ќе дадеме се од себе Украина да се приближи до Алијансата. Очекуваме зајакнување на нашите односи, повеќе напори во однос на оружјето и одбранбените пакети. Тоа е најкритичното за нас, особено кога доаѓа од држави кои сè уште се двоумат“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Зеленски се сретна и со американската потпретседателка Камала Харис која ја повтори поддршката на САД кон Киев. 60-та Минхенска конференција се одржува во време кога војната во Украина беснее веќе втора година, а Блискиот Исток станува буре-барут кое му се заканува на глобалниот мир. Русија и Иран не беа поканети.

 

 

Бојана Крстевски