Политика

Tаравари, Mеџити, Гаши и Касами потпишаа Декларација за обединување

17.02.2024 15:52

Албанските опозициски партии и натаму во фокусот на јавноста. Таравари вчера ја објави својата претседателска кандидатура, а Села смета дека ова крило на Алијанса е нелегитимно. Денеска потпис на декларација за обединување ставија лидерите на четирите партии. Коалицијата наречена „влен“, ќе им пркоси на ДУИ...

Алијанса за албанците и официјално стана дел од Европскиот сојуз за промени. Коалицијата на партиите на Таравари, Гаши, Меџити и Касами ќе го носи името „влен“ или вреди. Со потпис на декларација најавија обединување и заеднички настап на претстојните избори. Ја побараа поддршката за претседателскиот кандидат Арбен Таравари и најавија победа на 8-ми мај. Тој пак очекува коалицијата да ја донесе долгоочекуваната промена во албанскиот политички блок и нова надеж за Албанците.

За претседателот на Беса Касами овој сојуз е нај историскиот момент за Албанците во последните две децении. Вели ова е моментот кога се одлучуваат промени, а иднината од рацете на олигарските како што рече, конечно преминува во рацете на граѓаните. За Меџити со декларацијата поставени се темелите за нова ера во албанската политика. Објави дека истакнати членови на ДУИ од Сарај се приклучиле во неговата партија.

Коалицијата на Таравари со Беса, Алтернатива и Демократското движење беше причина за кавгата со Зијадин Села. Поранешниот претседател бараше партијата да настапи самостојно на изборите, а Таравари експресно го одби предлогот по што следеше и поделбата на два табори и разрешување на министрите Алиу и Меџити. За утре Села закажа Централно собрание на кое ќе се бара разрешување на Таравари. Тој одби да даде коментар велејќи дека на негова страна е партиското членство, но и народот.

 

 

 

Викторија Милевска